Ентони Тејлор не чекаше долго, доби висока функција во турскиот фудбал

Само неколку дена по завршувањето на судиската кариера, еден од најпознатите европски арбитри, Ентони Тејлор, доби нов ангажман. Англичанецот е именуван за нов прв човек на судиската организација при Фудбалската федерација на Турција. 

Тејлор зад себе има богата кариера на меѓународната сцена, судејќи на натпревари од Лигата на шампионите, Европските и Светските првенства, како и финалиња под капата на УЕФА и ФИФА. Поради своето искуство, важи за еден од најценетите судии на својата генерација.

Неговата задача ќе биде да го подобри квалитетот на судењето во турскиот фудбал, да работи на едукација на арбитрите и да воспостави поединствени критериуми при делењето на правдата. Воедно, од него се очекува да помогне и во враќањето на довербата во турското судење, кое во изминатите години беше во центарот на бројни контроверзии и скандали.

Со овој потег, Турската фудбалска федерација се приклучува на трендот на ангажирање странски експерти за судиските комисии, слично како што тоа веќе го прават и неколку други европски федерации.