• Иван Димовски
Фудбалерите на Марсеј со пресврт стигнаа до победа во дербито на 13. коло во француската Лига 1 против Монако (2-1). Тимот од кнежевството успеа да поведе во првиот дел на „Велодром“, меѓутоа домашниот тим воден од атмосферата го сврте резултатот и освои три бода.
- Олимпик Марсеј - Монако 2-1:
Стартот на мечот беше мирен и на прв гол се чекаше до пред крајот на полувремето. Течеше 41. минута кога Денис Закариа го проигра Александр Головин, а овој го матира домашниот голман за 0-1. Сепак, бргу на стартот на продолжението Марсеј стекна израмнување. Луис Енрике со глава по центаршут од Мопе погоди за 1-1 во 53. минута и за радост на трибините. Притисна домашниот тим, шанса имаше Мејсон Гринвид, а потоа во завршницата Марсеј доби пенал. Одговорноста ја презеде токму Гринвуд кој го матира гостинскиот голман за пресврт во 89. минута од средбата (2-1).
Со овој триумф Марсеј се израмни со Монако на 26 бода и го презеде второто место. На врвот во Лига 1 суверен е ПСЖ кој има седум бода предност.
- Лион - Ница 4-1:
Претходно екипата на Лион беше убедлива против Ница (4-1), Монпелје и Лил одиграа без победник (2-2), Анжер слави кај Ле Авр (0-1) и Тулуз дома го совлада Оксер (2-0).