
Енис Барди зад себе остави фантастична дебитантска сезона во дресот на Леванте. На македонскиот репрезентативец не му требаше многу време за да се прилагоди на играта во Примера и во штотуку завршената сезона на шпанскиот шампионат одигра неколку фантастични партии, а на 27 натпревари постигна 7 гола.
По вакви игри на 23-годишниот офанзивец очекувано беше некој клуб да биде заинтересиран за неговите услуги, а како што откриваат турските медиуми новиот турски Суперлигаш, Ерзурумспор веќе испратил понуда за трансфер на Барди.
„Постои можност Ерзурумспор да го добие Енис Барди во наредната сезона. Македонскиот репрезентативец е понуден од страна на менаџери, а фудбалерот побарал време за да размисли“, пишува „Erkhaber“ со наслов „Енис Барди би можел во Ерзурумспор, фудбалерот кој ја скрши Барселона“.
Според истиот медиум Ерзурумспор е подготвен да плати дури 25 милиони евра за Барди, што е за 23,5 милиони повеќе од сумата која Леванте лани му ја плати на Ујпешт за нашиот репрезентативец.