• Мартин Танасковски

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, конечно ќе ја заврши голготата која го следеше во турски Трабзонспор каде не добиваше шанса да игра.
29-годишникот не беше дел од првиот тим седум средби по ред и заедно со уште неколку играчи беше „суспендиран“. На сите им беше најавено дека не се смета на нив за периодот кој следи, но проблем беше договорот кој ги врзуваше со Трабзон.
Сепак, на голготата на Енис Барди ѝ дојде крај. Тренерот Шенол Ѓунеш веќе ги известил играчите кои може слободно да си бараат нови клубови, а покрај Енис Барди, тоа се уште четири до пет други фудбалери.
Барди во Суперлигата оваа сезона настапи на само осум натпревари. Во Трабзон дојде во 2022 година од Леванте, а претходно играше за унгарски Ујпешт, шведски Преспа Бирлик, како и младинските тимови на Брондби и Шкупи.