• Иван Димовски
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, веројатно ќе остане во Турција. По заминувањето од Бодрум, 30-годишникот е пред потпис со Коњаспор.
Повеќе турски извори јавуваат дека трансферот е договорен, Барди доаѓа како слободен агент и ќе потпише договор со клубот од Коња на две години. Според информациите, се очекува неговите годишни примања ќе достигнат до околу еден милион евра.
Се очекува македонскиот репрезентативец набргу да пристигне во Коња и да стави потпис на договорот, со што и официјално ќе стане нов член на тимот кој уште во јануари се интересираше за него, но Бодрумспор беше поупорен. Ова лето македонскиот капитен беше во преговори со Ризеспор, меѓутоа веројатно ситуацијата се смени.
Претходно во кариерата Барди настапуваше за Преспа Бирлик, Ујпешт, Леванте и Трабзонспор, а Коњаспор би бил негов трет турски клуб.

