Ендрик жнее трофеи во Бразил, време е Европа да го види супер-талентот на Реал

Супер-талентираниот Бразилец Ендрик стана најскапиот малолетник во историјата на фудбалот откако Реал Мадрид го купи од Палмеирас за рекордни 60 милиони евра (35 милиони фиксни и уште 25 милиони како бонус).

Сепак, бидејќи сè уште не е полнолетен, 17-годишниот Ендрик чека на 21 јули да го прослави 18-от роденден и да добие дозвола да го облече белиот дрес на „кралскиот“ клуб.

Младата ѕвезда веќе доминира во бразилскиот фудбал. Ендрик синоќа со Палмеирас ја освоi шампионската титула во Паулиста. Неговиот тим во реваншот од финалето го победи Сантос со 2-0 и ја надополни негативата од 1-0 од првиот натпревар. Младиот фудбалер не постигна гол ниту асистенција, но сепак беше прогласен за играч на натпреварот.

Така бразилскиот супер-талент го освои петтиот трофеј со Палмерирас. Сега е време Европа подобро да го запознае. Ендрик веќе го видовме минатиот март кога постигна голови против Англија и Шпанија на „Вембли“ и „Сантијаго Бернабеу“ во дресот на Бразил. Но, негово време допрва доаѓа и ако продолжи вака несомнено дека ќе доживеа светска слава.