Ендрик по успешното деби: Во Лион е супер, се чувствувам како дома!

Младиот бразилски фудбалер Ендрик имаше одличен почеток во својот нов клуб, Олимпик Лион, откако на дебито за францускиот тим постигна гол и значајно придонесе за победата на својот тим во Куп-натпреварот против Лил (1-2). 

Напаѓачот кој дојде од Реал Мадрид на заем до крајот на сезоната, експресно се адаптираше во новата средина. По мечот, Ендрик изјави дека е многу среќен што конечно доби шанса да настапи и дека чувството да игра во Франција е многу подобро отколку што очекувал.

„Се чувствувам одлично, дури и подобро од тоа што очекував. Некако веднаш се навикнав на овој стил на игра и ме прифатија како важна алка од колективот. Лион ми е како втор дом, навистина сум среќен што дојдов овде“, изјави Бразилецот. 

Овој позитивен почеток на Ендрик во Лион може да му донесе дополнителна мотивација и самоувереност во продолжение на сезоната, особено по периодот на ограничена минутажа што го имаше претходно во Реал Мадрид.