ВИДЕО: Ендрик блесна со асистенција, Лион е во зоната за ЛШ

Бразилскиот бисер Ендрик уште на стартот јасно покажува дека може да биде огромно засилување за Олимпик Лион. Во победата над Брест од 2-1, младиот напаѓач повторно беше еден од клучните играчи и остави впечаток дека конечно добил средина во која може целосно да го покаже својот талент.

Сè што Ендрик бараше додека беше во Реал Мадрид беше вистинска шанса. На „Сантијаго Бернабеу“ ретко добиваше минути за да покаже зошто важеше за едно од најголемите чуда на бразилскиот фудбал. Токму затоа со нетрпение ја чекаше новата етапа во кариерата, клуб каде што ќе има доверба и простор да „дише“ на теренот. И веднаш по пристигнувањето во Лион, покажа дека може да биде клучна фигура за поранешниот француски шампион.

По голот на дебито во Купот, овојпат блесна со асистенција. Тренерот Пауло Фонсека повторно му даде место во стартниот состав, а Ендрик му возврати на најдобар можен начин. Во акцијата за вториот гол, кој практично го реши мечот, Бразилецот ја прими топката на својата половина, се сврте и со прецизен, речиси идеален пас го проигра Абнер Винисиус. Неговиот сонародник одлично ја истрча контрата и ја заврши акцијата за 2-1.

Освен асистенцијата, Ендрик беше меѓу најдобрите поединци на теренот. Имаше и стопроцентна шанса да се запише во стрелците, но ја пропушти. Сепак, впечатокот што го остави беше повеќе од позитивен, динамичен, сигурен со топката и постојана закана за противничката одбрана.

Работата за Лион беше олеснета и поради црвениот картон на Ромен Дел Кастиљо во раната фаза од натпреварот. Домаќините создадоа голем број шанси и прашање на време беше кога ќе дојде предноста. Таа стигна преку Павел Шулц, уште едно одлично засилување на Лион. Чешкиот фудбалер, донесен минатото лето од Викторија Плзен, е најдобар стрелец на екипата со девет гола, иако не настапува како класичен напаѓач.