Енцо се извини, но вредностите и културата на клубот се над поединецот!

Менаџерот на Челзи, Лиам Розениор, се обрати пред медиумите во пресрет на големото дерби со Манчестер Сити овој викенд, а една од темите беше суспензијата на Енцо Фернандез.

Розениор потврди дека Аргентинецот нема да биде во тимот за дуелот со Сити, откако, според него, „ја преминал границата“ со изјавите за својата иднина, во кои навести можен трансфер во Реал Мадрид.

„Имавме навистина добар разговор. Тој ми се извини мене и на клубот. Ќе се справиме со тоа по овој голем натпревар во недела. Донесов одлука. Сакам Енцо да има одлична кариера, но тој нема да игра во недела“, рече англискиот тренер.

Тренерот на Челзи нагласи дека вредностите и културата на клубот се над поединецот:

„Постојат одредени вредности и принципи кои, доколку се почитуваат, го прават клубот посилен“, заврши разговорот на таа тема.

Поразите против Њукасл и Евертон го спуштија Челзи на шестото место на табелата, еден бод зад Ливерпул и дури седум зад четвртопласираната Астон Вила.