• Зоран Мишевски
Милан е сензационален освојувач на Суперкупот на Италија, откако пак направи пресврт и од 2-0 се врати да триумфира со 2-3 против Интер во финалето на ова натпреварување во Ријад. Пресвртот го донесоа замените на Консеисао, Леао и Абрахам, кои „вмешаа прсти“ во скоро сите акции и голови на „росонерите“ во вториот дел.
Двата тренери почнаа со густ среден ред и по некое изненадување во стартниот тим. Симоне Инзаги стартуваше со Тареми наместо повредениот Турам, а Милан мораше без Леао, па изненадување беше што Хименез пак доби шанса од првата минута.
Офанзивно почнаа двете екипи, па Лаутаро Мартинез веднаш ја имаше првата шанса. Сепак, најзрелата можност во првиот дел ја пропушти Рејндерс, кој изведе минијатура во казнениот простор на ривалот, но ударот со левата нога заврши крај дирекот. Кога сите очекуваа реми на полувреме, Интер изведе перфектна акција во единствената минута од надополнувањето. Тареми и Чахланоглу креираа, а Лаутаро Мартинез со мајсторски гол со левата нога го матира Мањан (1-0).
Ако кроеја планови на полувремето, „росонерите“ целосно потонаа во третата минута од вториот дел. Одбраната на Милан заспа, Иранецот Тареми изби сам пред Мањан и рутински го матира за 2-0. Серџо Консеисао веднаш посегна по првата замена и го внесе недоволно залечениот Рафаел Леао. Португалецот веднаш изнуди слободен удар, по кој Тео Хернандез со левата нога биеше во голмановиот агол, Зомер не стигна да интервенира и Милан ја преполови предноста на „нераѕурите“ (2-1).
Леао проби по левата страна во 63. минута, убаво го пронајде Рејндерс, чиј сигурен погодок го спречи Бастони, кого топката го погоди во главата и заврши во корнер. Две минути подоцна Зомер му одбрани изгледна шанса на Алваро Мората, кој биеше со глава, но Швајцарецот одби во поле. Симоне Инзаги ги внесе Зиелински и Карлос Аугусто и Интер се разбуди. Следеа закани на Тареми и Лаутаро Мартинез, но Мањан немаше потреба да интервенира. Карлос Аугусто можеше да ги реши дилемите, но од непосредна близина со глава биеше млако и Мањан снаодливо одби во поле.
На влезот во последните десет минути Милан целосно се врати во натпреварот. Лофтус Чик проби и го пронајде Тео Хернандез, овој врати до Пулишиќ, а Американецот од свртување испрати неодбранлива дијагонала за Јан Зомер (2-2). Следеше завршен притисок на Интер и две големи шанси за Дамфрис, но Мањан успеа да го спаси Милан. Кога сите помислија дека натпреварот ќе влезе во продолжение, Милан го зададе завршниот удар. Пулишиќ го најде Леао, овој врати до Тами Абрахам, кој од непосредна близија ја втурна топката во мрежата (2-3).
- Извештај од натпреварот:
Милан со пресврти во полуфиналето и финалето дојде до Суперкуп титула и прекин на доминацијата на Интер во ова натпреварување. Тренерската смена беше навремена и Серџо Консеисао со трофеј ја започна својата приказна на клупата на Милан.