Емирот на Катар на навивачите им платил чартер летови до Канада

Емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, организираше несекојдневна поддршка за својата репрезентација, обезбедувајќи бесплатен чартер лет за околу илјада навивачи до Канада за Светското првенство 2026.

Навивачите пристигнаа во Ванкувер, каде веднаш создадоа вистинска карневалска атмосфера со тапани и гласна поддршка, привлекувајќи големо внимание во градот.

Иницијативата е дел од „Програмата за делегација на катарски навивачи“, финансирана од Катaрскиот фонд за општествени и спортски придонеси во соработка со фудбалскиот сојуз. Програмата ги покрива трошоците за патување, сместување и локален транспорт.

Од федерацијата посочија дека целта е да се создаде позитивна атмосфера на трибините која ќе им помогне на играчите да го дадат максимумот на светската сцена. Дополнително, катарските студенти во САД и Канада исто така добија покана да присуствуваат на натпреварите.

Катарските навивачи ќе бидат силен адут за својот тим во дуелот против домаќинот во второто коло од Групата Б, кој се игра на полноќ.

„Свесни сме за поддршката и одговорноста. Ќе дадеме сè од себе навивачите да си заминат среќни и горди“, изјави капитенот Абдулазиз Хатем.

Катар на отворањето на турнирот одигра 1-1 против Швајцарија и сега ќе бара прва победа на шампионатот.