• Иван Димовски

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров рано стигнаа до предност против прилепска Победа, преку офанзивецот Сефер Емини, меѓутоа гостите во Скопје бргу се вратија во игра преку Атдхе Мазари.
По една мешаница во шеснаесетникот, дефанзивата не реагираше најдобро и не исфрли, а топката на шеснаесетникот ја сочека Емини. Откако долета до него, фудбалерот на ѓорчепетровци со ефектен волеј ја смести во мрежата за 1-0.
Бргу потоа, поточно само 11 минути подоцна прилепчани го дадоа првиот погодок по кам-бекот во ПМФЛ. Атдхе Мазари искористи мешаница и лоша реакција на „лавовите“ и го матира Стевковски за 1-1.
Македонија Ѓорче Петров ја брка првата победа во новата сезона, додека ниту Победа не знае за позитивен резултат на стартот.