• Сашо Поповски

Второлигашкиот фудбал во Македонија ќе ја отвори сезоната овој викенд. На програмата се натпреварите од првото коло.
Екипата на Воска Спорт на гостински терен ќе се соочи со Караорман. Искусниот Изаир Емини го најави дуелот, за кој рече дека ќе биде тежок за него и соиграчите.
„Едвај го дочекавме почетокот на првенството, можам да кажам дека трениравме напорно и дека сме подготвени за стартот на сезоната. Ќе се соочиме со еден не така лесен противник, а посебно ако знаеме дека и првите натпревари се многу тешки. Сепак, ние како екипа сме максимално мобилизирани со цел во Охрид да се вратиме со три бода и на најдобар можен начин да го започнеме првенството“, рече 36-годишниот офанзивец.
Седум меча од воведното коло се закажани денес, а последниот ќе се одигра наредната недела, меѓу Борец и Слога Виница.