Емини: Дуелите со Охрид секогаш се тешки, но победата многу ни значи

Дуелот меѓу локалните ривали Охрид и Воска Спорт се очекува да го обележи 13. коло во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Двете екипи имаат одлична сезона и се во горниот дел од табелата, па затоа овој дуел ќе им биде од огромно значење.

Во пресрет на средбата на „Билјанини Извори“, на која домаќин ќе биде Охрид, членот на Воска Спорт, Изаир Емини изјави:

„Нормално, натпреварите со Охрид секогаш се тешки и неизвесни, бидејќи се работи за градско дерби. Како тим се подготвивме максимално во сите аспекти за да го добиеме овој натпревар, што многу ни значи, бидејќи нам не ни се простува ниту еден загубен натпревар, со кој би направиле чекор назад во трка за самиот врв“.

Натпреварот меѓу Воска Спорт и Охрид како и останатите дуели од 13. коло во ВМФЛ се игра в сабота со почеток од 13:00 часот.