Емери: Овој Челзи е многу посилен од тимот кој ја освои Лига Европа

Клупската сезона во евро-куповите официјално започна со квалификациите на Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига на УЕФА, но вистинскиот фудбал допрва доаѓа. Со Суперкупот во Белфаст меѓу Челзи и Виљареал, најдоброто од стариот континент пак ќе игра за трофеи.

Пред дуелот на „Виндзор Парк“, тренерот на победникот на Лига Европа, Унаи Емери ја префрли улогата на фаворит кај Англичаните.

„Нема да играат оние кои и не допатуваа: Парехо, Кокелан и Чуквуезе. Ни се приклучија фудбалери како Ибора, кои не одиграа ни минута во претсезоната. Пау Торес ќе настапи, иако само што дојде од Токио, па потоа ќе оди на одмор.

Играме против европскиот првак и најдобрата екипа во овој момент. Овој Челзи е многу посилен од оној против кој во 2019 година играв со Арсенал во финалето на Лига Европа. Задоволство е да се натпреваруваме против ваков тим“, рече Емери.

Бубмејкерите повеќе шанси им даваат на Англичаните. На центарот ќе биде рускиот арбитар Сергеј Карашев. 42-годишникот зад себе има големо искуство, со натпревари во најсилните натпреварувања на УЕФА, квалификациите за Европското и Светското првенство и воедно големите настани.