ВИДЕО: Мбангула побрз од судијата, Вердер ја продолжи кризата на Волфсбург

Фудбалерите на Вердер Бремен успеаја да дојдат до драматична победа од 2-1 над Волфсбург во дуелот од 10. коло во германската Бундеслига, одигран вечерва на „Везерштадион“.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот започна во изедначено темпо, со неколку прилики на двете страни, но гостите први го најдоа патот до мрежата. Во 28. минута, по брза и прецизна контра-акција, Кумбеди од десната страна испрати одличен центаршут до Матијас Свандберг, кој без поголеми проблеми го совлада голманот Бакхаус за водство на Волфсбург од 1-0.

Во второто полувреме, Вердер тргна офанзивно со целосен притисок кон противничкиот гол. Таквата стратегија на тренерот на домаќините даде резултат во 83. минута, кога Јенс Стаге одлично реагираше на центаршутот на Сугавара и со удар со глава ја погоди целта за 1-1.

Кога се чинеше дека бодовите ќе бидат поделени, следуваше вистинска драма. Во четвртата минута од судиското продолжение, по обид со „ножички“ на Бонифејс, кој беше блокиран, топката стигна до Самуел Мбангула, кој без размислување шутираше од прва и ја затресе мрежата на Волфсбург за конечни 2-1 и ерупција на трибините.

Со оваа победа, Вердер се искачи на седмото место на табелата со 15 бодови, додека Волфсбург по новиот пораз останува на 12. позиција со вкупно осум бодови.