• Иван Димовски

Македонскиот „дијамант“ Ељиф Елмас го одлучи големото дерби во Италија меѓу Милан и Наполи, постигнувајќи го победоносниот погодок на „Сан Сиро“. Екипата од Неапол со оваа победа се израмни со „росонерите“ на второто место и застана на четири бода зад лидерот Интер.
Елмас беше човек на одлука, уште во петтата минута со глава го совлада Мајк Мaњан, а потоа Наполи издржа до крајот и прокнижи големи три бода. На социјалните мрежи Ељиф доби честитки од многумина. Сепак, најзабележителна е таа од капитенот на репрезентацијата, Стефан Ристовски.
Бекот одјави разговор со Елмас, а во него скромното момче од Скопје зборува многу искрено. На пораката од Ристовски дека ќе „гори Сан Сиро“, Ељиф даде интересен одговор:
„Паметам 2010 година, бате Горан ме донесе и го гледав првпат со солзи во очите, а сега ќе играм тука...“.
Милан и Наполи се соочуваа со бројни проблеми во пресрет на дербито, а Ељиф Елмас одлично ја искористи својата шанса во дресот на „партенопеите“. Покрај тоа што постигна погодок, Елмас имаше уште неколку добри потези и со леснотија се движеше низ дефанзивата на Милан.
Последниот натпревар оваа година за Елмас и Наполи ќе биде домашен дуел против Специја в среда.