• Иван Димовски
Екипата на Наполи утре ќе гостува кај Ријека во дуелот од третото коло на Лигата на Европа. Џенаро Гатузо неколку натпревари имаше проблеми со повредени играчи и заразени со коронавирус, а меѓу нив беше и Ељиф Елмас кој сега веќе е во стројот.
Репрезентативецот на Македонија присуствуваше и зборуваше на прес-конференцијата пред натпреварот со хрватскиот тим и истакна дека е спремен за настап, секако ако Гатузо реши да му даде шанса.
„Спремен сум да се вратам на теренот, тренирав напорно. Минав околу десет дена без никакви активности на теренот. Сепак, најделикатниот момент помина. Ми требаше време да се опоравам и сега се чуствувам спремен да дадам свој придонес.
Не знам дали ќе играм, но знам дека тренерот е сигурен во утрешниот натпревар. За нас ќе биде важен натпревар и тест на карактерот бидејќи ќе се сретнеме со тежок ривал. Лично јас не можам да дочекам да се најдам на теренот и да ги покажам квалитетите. Се чувствувам спремен и имам многу позитивна енергија, па сакам да бидам достапен за тимот“, изјави Елмас.
Нашата сениорска репрезентација следната седмица ја очекува најважниот натпревар во историјата на македонскиот фудбал и гостувањето во Тбилиси кај Грузија за пласман на Европското првенство, па доколку Елмас влезе во ритам со Наполи би била одлична вест за селекторот Ангеловски.