• Саше Љолес

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ и Горан Пандев, спортскиот директор на Национални репрезентации, остварија средба со нашиот фудбалски „дијамант“, Ељиф Елмас и разговараа на многу теми, како и за иднината на репрезентативниот фудбал.
Елмас е во немилост кај тренерот Марко Розе во РБ Лајпциг и не добива минутажа во бундеслигашот, па иако беше најавено дека зимава ќе замине на позајмица во друг клуб, тоа уште не се случи.
Омерагиќ и Пандев му ги предочиле на Елмас плановите и проектот за иднината на македонската репрезентација, а од нашата ѕвезда се очекува и понатаму да биде еден од лидерите на националниот тим. На заедничката фотографија беше напишана порака „Доаѓаат големи работи“.
Момчето од Скопје кое го освои скудетото со Наполи во Серија А секогаш го дава максимумот за „рисовите“, без оглед на формата и минутажата во клубот, а Македонија се надева дека репрезентацијата и натаму ќе бележи добри резултати и успеси.
Одигравме одличен циклус во Лигата на нации и добивме група по мерка во квалификациите за Светското првенство, каде за противници ги имаме Белгија, Велс, Лихтенштајн и Казахстан.