ВИДЕО: Елмас се врати во Неапол, Мектоминај одново херој за Наполи!

Фудбалерите на Наполи обезбедија нови огромни три бода на своето конто и осамнаа на лидерската позиција на табелата во Серија А. Тимот од „Диего Армандо Марадона“ вечерва славеше со сигурни 2-0 (2-0) против Торино и по киксот на Интер со Рома му побегнаа на миланскиот гигант три бода. 

  • Наполи - Торино 2-0:

Одново херој на клубот од Неапол е Скот Мектоминај. Шкотскиот ас блесна во вистинскиот момент, постигна два гола и со право ја заработи титулата играч на можеби најважниот натпревар во сезоната на Наполи.

Домашниот тим поведе во седмата минута, откако по една школска акција, Ангиса ја испрати топката до Мектоминај, кој се најде на вистинско место во вистинско време и го совлада Вања Милинковиќ Савиќ.

Ново возбудување во Неапол стигна во 42. минута, кога Мектоминај повторно ја прочита намерата на својот соиграч, овој пат на Политано, и со нова рутинска завршница го реши прашањето на победникот. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас се врати во Неапол и го одигра целиот натпревар за Торино. 

Аталанта ремизираше 1-1 со Лече во Бергамо. Гостите поведоа во 29. минута, кога Јеспер Карлсон погоди од пенал, додека бодот за „божицата“ го обезбеди Ретеги во 69. минута.