• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас имаше само пофални зборови за Турција по пријателскиот натпревар одигран во Истанбул. Поранешниот фудбалер на Фенербахче се врати во Кадикој по седум години и во изјава за турските медиуми призна дека атмосферата на стадионот оставила силен впечаток врз него.
„Поминаа седум години откако последен пат бев во Кадикој. Атмосферата беше одлична и навистина беше убав натпревар. Сите фудбалери на Турција играат на високо ниво. Тие се едно скалило пред нас. Мислам дека Турција може да стигне до четвртфиналето на Светското првенство“, изјави Елмас.
Македонскиот играч од средниот ред зборуваше и за својата иднина, но порача дека во моментов не размислува за трансфер.
„Во овој момент не размислувам за трансфер. Сакам прво да одам на одмор. Ја сакам Турција и би сакал еден ден да живеам во Истанбул. Се надевам дека во иднина повторно ќе заиграм во турскиот шампионат“, додаде Елмас.
Елиф Елмас пристигна во Фенербахче како млад талент, а во летото 2019 година беше продаден на Наполи за 17,7 милиони евра. Подоцна направи трансфер во РБ Лајпциг вреден 24 милиони евра, а во изминатата сезона настапуваше како позајмен играч.














