ВИДЕО: Елмас првпат стартер, шоу на Мертенс против Сампдорија

Италијанскиот вицешампион Наполи им се врати на победите и ја совлада Сампдорија на „Сан Паоло“ со 2-0 (1-0) во рамките на третото коло на Серија А. Така, екипата на Анчелоти веднаш реагираше по поразот од Јувентус, а нашиот Ељиф Елмас првпат почна од првата минута и на теренот беше до 76. минута, кога на негово место во игра влезе Лоренцо Инсиње. Македонскиот репрезентативец беше активен и со мала доза на среќа и луцидност можеше и да постигне гол.

  • Извештај од натпреварот: 

Наполи започна во голем стил и во првите 15-тина минута креираше три шанси за гол. Мертенс на ефектен начин со удар со десната нога по центаршутот на Хисај во 13. минута го отвори резултатот (1-0).

Следеше удар на Белгиецот во пречката и зицер на Елмас, кој заврши за малку крај дирекот. Казна за промашувањата можеше да донесе Ригони, кој одлично послужен од Кваљарела, излезе сам пред Мерет, но италијанскиот репрезентативец чудесно одбрани. Наполитанецот во тимот на Сампдорија, Фабио Кваљарела прекрасно биеше од голема далечина, но неговиот удар заврши преку голот на Мерет. 

Отворено и преполно со шанси беше и второто полувреме. Мертенс и новајлијата Љоренте, кој влезе на местото во 65. минута на местото на Лозано, имаа големи шанси. Сепак, во својот втор контакт со топката шпанскиот напаѓач му подготви зицер на Мертенс, а овој тоа не го пропушти и погоди за 2-0 во 67. минута. Голот беше потврден од ВАР-технологијата, иако претходно беше поништен заради офсајд.

Инсиње во последните десетина минути имаше можност да ја направи победат уште поубедлива, но неговите две шанси завршија за малку крај дирекот. Наполи се доближи на само бод до Јуве, а единствени екипи кои можат до максимален ефект по три кола се Интер и Торино.