• Саше Љолес

Македонскиот репрезентативец и член на Наполи, Елиф Елмас го посети тренингот на неговиот поранешен клуб, скопски Работнички. „Дијамантот“ најде време да ги поздрави поранешните соиграчи и управата на клубот за кој настапува и неговиот братучед Мухамед Елмас.
Познато е дека секогаш кога Елиф е во Македонија, тој наоѓа време да отиде на тренинг на Работнички и да им приреди пријатно изненадување на сите во клубот. Македонскиот репрезентативец никогаш не ги заборава своите почетоци и е благодарен за придонесот на сите клубови кои дале многу за неговиот личен прогрес.
Елмас наскоро ќе се врати во Неапол каде го чека највозбудливиот дел од сезоната во досега најуспешната сезона со Наполи. Македонецот е трет стрелец во тимот, се наметнува како „џокерот“ на Спалети и е во добра форма, а тоа го докажа и со одличниот гол против Малта во победата на „рисовите“ од 2-1.
23-годишниот Елмас е на одличен пат да се закити со титулата во Серија А сезонава, затоа што Наполи има огромна предност пред второпласираниот Лацио, за Македонија одигра два одлични меча во само три дена, а сега му претстои и битката во Лигата на шампионите каде Наполи почна дури да се споменува и како еден од фаворитите за трофејот.
Наполитанците имаат фантастична сезона, а токму нашиот Елмас, заедно со Осимен и Кварацкелија се најдобрите поединци во тимот.