„Елмас почнува да наликува на Наби Кеита, играта на Фенер треба да се гради околу него“

Најголемата фудбалска надеж на Македонија, Ељиф Елмас, синоќа одигра брилијантен натпревар за својот Фенербахче против португалскиот гигант Бенфика. 

18-годишниот играч за врска, блескаше со своите потези во текот на сите 90 минути, имаше и две изгледни шанси за гол, но не успеа да му помогне на својот тим да обезбеди плај-оф во Лигата на шампионите (1-1). 

Голманот на гостите Одисеас Виачодимос беше најголемиот виновник што Елмас не го постигна својот деби гол на европска сцена. Најпрво, со крајни напори му одбрани „бомба“ од 30 метри, а потоа и еден прецизен удар од полулево.

Одличната игра на нашиот репрезентативец најдобро ја отслика новинарот на турскиот медиум „Хуријет“, Угур Мелеке, кој во својата анализа за дуелот со Бенфика, напиша дека Елмас сè повеќе наликува на новата ѕвезда на Ливерпул, Наби Кеита. 

„Највпечатлива партија одигра Ељиф Елмас. Неговата игра полека ми наликува на новата ѕвезда на Ливерпул, Наби Кеита. Доколку тимот сака во иднина да направи нешто повеќе во иднина, својат игра треба да ја гради околу него“, пишува во анализата. 

Фенербахче загуби минимално на гостувањето кај Бенфика во првиот меч, а синоќа пред својата публика одигра само 1-1 и мораше да се помири со елиминацијата и пласманот во групата фаза на Лига Европа.