• Горан Упале

Фудбалерите на РБ Лајпциг конечно се радуваат на првите бодови во новата сезона во Лигата на шампионите. Некогашниот полуфиналист сезонава игра катастрофално во елитата, бидејќи до првата победа во лигашкиот дел стигна дури во седмото коло, откако во претходните шест забележа исто толку порази.
- РБ Лајпциг - Спортинг 2-1:
„Биковите“ пред својата публика го совладаа составот на Спортинг Лисабон со минимални 2-1 и со тоа го оддалечија португалскиот шампион од директен пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите. Во таборот на „лавовите“ ништо ново не донесе ниту вториот тренер по заминувањето на Рубен Аморим. Руи Борхес нема по добро да го памети своето деби во Лигата на шампионите, иако неговиот тим одигра сосема солиден натпревар во Германија.
Првото славје за РБ Лајпциг го донесоа Бенџамин Шешко со гол во првото полувреме и Јусуф Полсен во самиот финиш, додека единствениот гол за гостите од Португалија го постигна Виктор Ѓекереш за израмнувачки 1-1. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас цел натпревар го преседе на клупата за резерви.
Попладнево се одигра уште еден натпревар. Екипата на Шахтјор со сигурни 2-0 триумфираше над Брест во Гелзенкирхен, а стрелци на головите беа Кевин и Судаков. Со овој пораз францускиот тим најверојатно ги загуби сите шанси за осминафинале, но е безбеден во плеј-оф зоната.