Елмас нема иднина во Лајпциг, ако Торино не го откупи – опција е Ајакс!

Ајакс покажа интерес за македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, кој моментално настапува како позајмен играч во Торино. Според информациите на германски „Билд“, 25-годишниот офанзивен играч на средината нема иднина во РБ Лајпциг, клуб што сака да се ослободи од неговата висока плата.

Лајпциг налето ќе се соочи со проблем во нападот, бидејќи неколку фудбалери со високи примања се враќаат од позајмици, а освен Елмас тука се и Тимо Вернер (Тотенхем) и Андре Силва (Вердер). Македонецот пристигна во Торино во јануари, каде на 11 натпревари во Серија А постигна четири гола. Италијанскиот клуб има откупна клаузула од 18 милиони евра, но за „биковите“ тоа е превисоко. Тоа значи дека Елмас би можел да се врати во Лајпциг, каде досега не доби вистинска шанса. Во клубот не се подготвени да продолжат да го исплаќаат неговиот годишен договор, па се отворени за продажба.

„Билд“ објави дека Ајакс веќе го следи Елмас, кој за да се пресели во Амстердам веројатно ќе мора да прифати помала плата. Според најавите, Холанѓаните налето ќе тргнат по потписот на нашиот репрезентативец.

Ељиф Елмас кариерата ја започна во Работнички, а во 2017 година замина во Фенербахче. По две години се пресели во Наполи за 18 милиони евра и потоа стана шампион на Италија. Лајпциг во јануари 2024 година вложи 24 милиони евра за него, но трансферот засега се покажува како неуспешен. Иако има договор до 2028 година, Елмас веројатно ќе замине ова лето. Неговата актуелна пазарна вредност се проценува на 14 милиони евра, но не е познато колку точно би чинел евентуален трансфер.