ВИДЕО: Елмас не се изнаигра, фенерџијата Кротоне лесен залак за Наполи

Фенерџијата Кротоне немаше што да бара на денешниот дуел со Наполи (0-4) во 10. коло од Серија А. Гостите без многу проблеми си ја завршија работата и одново застанаа на третото место на табелата, остварувајќи ја седмата сезонска победа. Ељиф Елмас доби шанса во завршницата и го запиша шестиот настап во новата сезона.

  • Извештај од натпреварот: 

Лоренцо Инсиње во свој стил го отвори резултатот по половина час игра. Се намести на десната нога и биеше неодбранливо од 20-тина метри. Тоа значително го зголеми притисокот врз домаќинот и го ослободи просторот за гостите.

Услуга на противникот му направи Петричионе кој заработи црвен картон. Тој стартуваше опасно врз ногата на Деме, а по разгледувањето на ситуацијата преку ВАР-технологијата, судијата Маринели одлучи да му го покаже патот кон соблекувалната.

Она што следуваше беше сосема очекувано. Наполи го докрајчи ривалот со три нови гола. Најпрво Лозано се најде сам и зголеми на 0-2, Деме круниса една акција во завршницата, а Петања ја искористи збрканоста на домашната одбрана за да го постави конечниот резултат.

Кротоне и по десет меча во новата сезона остана без победа, а Наполи со трите бода продолжи да одржува чекор со водечките во италијанското првенство.