Елмас не мрда никаде, Наполи забрани движење на странците!

Ељиф Елмас

Екипата на Јувентус им дозволи на своите фудбалери да ја напуштат Италија и да се вратат дома. Тоа прв го направи Кристијано Роналдо, уште пред почетокот на пандемијата, а потоа неговиот чекор го следеа Гонзало Игуаин, Дами Кедира, Даглас Коста...

Но, тоа не е случајот со Наполи. Тимот на Ељиф Елмас им забрани на странските играчи да патуваат, со цел да не поминуваат период во изолација при повторно враќање во земјата.

Ако македонскиот репрезентативец се врати во нашата држава, ќе мора да помине период во изолација од 14 дена. Потоа истото ќе го направи при враќање на Апенините. Тоа значи дека цели 28 дена тој нема да биде достапен за клубот, што за раководството не е прифатливо.

Италијанското првенство е прекинато на неопределено време, бидејќи на „чизмата“ има најголем број смртни случаи од епидемијата со коронавирусот која го зафати целиот свет.

По 26 одиграни натпревари, Наполи се наоѓа на шестото место на табелата во Серија А.