Елмас: Јувентус е многу опасен, секогаш е тешко против Италијанци

Македонскиот фудбалер Ељиф Елмас во интервју за клупската страница говореше за следниот меч на РБ Лајпциг против Јувентус во рамки на Лигата на шампионите. Елмас, кој мина долги години во Наполи, најдобро ги познава „бјанконерите“ како ривал и предупреди дека нема да биде лесно.

„Секогаш е тешко да се игра против италијански тимови, особено против Јувентус, тоа е еден од најголемите клубови во Италија. Одиграв многу натпревари против нив и знам колку опасни можат да бидат. Се бранат многу добро, можете тоа да го видите од сегашната статистика. Но, исто така се многу флексибилни и опасни во нападот, севкупно се добри. Оптимистички гледам кон натпреварот, дефинитивно ќе биде возбудливо, особено што се игра тука во Лајпциг пред нашите фанови“, изјави Елмас.

Натпреварот меѓу РБ Лајпциг и Јувентус се игра во среда со почеток од 21:00 часот.