• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас настапи за РБ Лајпциг на пријателските натпревари. Ја добива довербата од Марко Розе, а германски „Билд“ објави вест за состојбата на фудбалерот во редовите на бундеслигашот.
24-годишникот дојде од Наполи во Лајпциг, а конкуренцијата беше жестока. Сега Елмас има шанса да се докаже, а тренерот Марко Розе е подготвен оваа сезона да му даде шанса да ги покаже своите квалитети.
„Елмас ја има нашата поддршка во целост, го туркаме во сите можни сегменти да биде подобар и да има интензитет. Работиме секаде - ментално, нутриционистички, кондициски. Елмас е супер-фудбалер, тоа може да го видите во одредени ситуации од мечот со ПСЖ. Се надевам дека ќе ги надмине пречките ментално, но исто и на теренот“, изјави тренерот Розе за „Билд“.
Како што пишува весникот, Елмас има специјален план за работа. Има посебен нутриционистички план, работи и во вежбалницата за физички да се врати во добра форма. Исто така има и чести разговори со клупскиот психолог Петер Шнајдер.
Проблемот на Елмас според „Билд“ е што македонскиот фудбалер е навикнат на фудбал со посед од неговиот претходен клуб Наполи и тешко се адаптира на стилот на РБ Лајпциг исполнет со пресинг. Но, кај Елмас постои голема желба да се докаже.
Елмас има прекрасна шанса да се покаже во РБ Лајпциг, затоа што Кристоф Баумгартнер има операција на коленото, а Дани Олмо замина во Барселона.