• Горан Упале

Македонскиот фудбалски репрезентативец Ељиф Елмас имаше нова фантастична партија во Лига Европа и со два гола во мрежата на Лестер Сити донесе голема победа за Наполи, по која неговиот тим го освои второто место во групата и останува во ова натпреварување.
По завршувањето на дуелот на „Диего Армандо Марадона“, Елмас не го криеше задоволството од двата постигнати гола, но пред сè од големата победа над англискиот тим.
„Среќен сум за головите, но пред сè затоа што добивме тежок и важен натпревар. Покажавме карактер и голема волја. Спалети ни кажа дека сме квалитетен тим и дека вечерва само треба да одиграме како што најдобро знаеме. Така и беше и среќни сме што обезбедивме нокаут фаза.
Немам никаков проблем со позициите, би играл на секоја која што ќе ми биде зададена од шефот. Не знам на која сум најдобар. Навистина не знам“, вели македонскиот фудбалер.
Со двата гола против „лисиците“, Елмас стана најдобар стрелец на Наполи во Лигата на Европа оваа сезона со четири гола на своето конто.