• Иван Димовски

Фудбалерите на Аталанта го победија Наполи со 4-2, во натпревар кој немаше голови во првиот, но паднаа дури шест погодоци во вториот дел. Екипата од Бергамо беше подобра и иако „партенопеите“ се враќаа во два наврати, не им дадоа премногу надеж и заслужено победија.
Сепак, во самиот финиш на „Гевис Стадион“ се случија немили сцени, бидејќи најскапото засилување на Наполи во историјата, Виктор Осимхен по еден дуел падна и веројатно загуби свест. Иако не изгледаше дека судирот е многу опасен, на самата снимка од натпреварот се гледаа загрижените лица на присутните на теренот.
Нигериецот беше изнесен на носилки од теренот, а според најавите од Италија тој е во стабилна состојба и нема проблеми.
Осимхен има бројни проблеми откако пристигна во Неапол, откако одлично ја започна сезоната се здоби со повреда на рамото, а потоа беше позитивен и на ковид-19, па пропушти доста натпревари. Ова може да биде голем проблем за Гатузо, бидејќи в четврток мора да нападнат два гола негатива во Лигата на Европа против Гранада.