ВИДЕО: Елмас и Наполи се „распукаа“ и со шест гола ги испратија Џенова и Пандев

Екипата на Наполи по стартната победа на гости кај Парма (0-2), вечерва запиша нови три бода на своето конто во Серија А, откако на домашен терен со убедливи 6-0 ја совлада бледата Џенова.

  • Извештај од натпреварот. 

Ако на последните пет меѓусебни натпревари Џенова му правеше многу проблеми на фаворизираниот противник (две реми средби и три минимални порази), вечерва беше тотално немоќна и доживеа дебакл на „Сан Паоло“. 

Разиграните момци на Џенаро Гатузо по не така убедливите први 45. минути и едниот постигнат погодок (Лозано во 10. минута), во вторите беа неверојатни и дури пет пати ја затресоа противничката мрежа. Голеадата во вториот дел ја отвори Зиелински со погодок во 46. минута, а потоа домашна радост донесоа Мертенс и Лозано, за убедливи 4-0.

Но, тука не беше крајот на „наполитанците“, затоа што на сцена стапи нашиот Ељиф Елмас. Македонскиот репрезентативец на мајсторски начин ја „измеша“ гостинската одбрана и го постигна својот гол-првенец на „Сан Паоли“, а печат на натпреварот стави Политано, за конечни 6-0.

Елмас во игра влезе во 22. минута, како замена за повредениот Инсиње, додека на спротивната страна нашиот капитен Горан Пандев исто така беше резерва и шанса за настап доби во последните 35 минути.