• Мартин Танасковски
Во големото дерби од 13. коло на Серија А, Наполи стигна до уште една значајна победа, втора последователна во првенството, совладувајќи ја Рома на „Олимпико“ со минимални 0-1. Тимот од Неапол со овој триумф дополнително ја згусна ситуацијата на врвот на табелата, каде што Милан и Наполи сега имаат по 28 бодови, додека веднаш зад нив се Рома и Интер со само бод помалку, што најавува исклучително неизвесна борба за водечките позиции.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот започна со нешто поорганизирана игра на гостите, кои во првите триесет минути успеаја да креираат неколку сериозни прилики. Првата вистинска можност дојде во 18. минута кога Давид Нерес се најде во добра завршница, но Свилар реагираше навреме и ја спречи раната предност на Наполи. Неколку минути подоцна, гостите повторно се заканија преку Ланг, а Свилар со одлична интервенција уште еднаш го задржа својот тим во игра.
Сепак, Наполи ја искористи својата офанзивна иницијатива во 36. минута. По брз и прецизен контра-напад, Нерес со огромна брзина влезе во празниот простор, го надмудри целиот дефанзивен ред на Рома и во ситуација еден на еден успеа да ја совлада домашната единица за водство од 0-1. Тој момент ја потврди индивидуалната класа на Бразилецот, но и подготвеноста на Наполи да го казни секој пропуст на домашниот тим.
Рома се обиде да воспостави контрола во второто полувреме, но Наполи продолжи да создава опасни ситуации. Во 76. минута Политано го тестираше Свилар со силен удар, а на спротивната страна Пелегрини се обиде да возврати со удар кој заврши над голот, оставајќи ги навивачите на Рома со разочарување. Најопасната шанса за израмнување ја имаше Балданци, кому Пауло Дибала мајсторски ја остави топката во срцето на казнетиот простор. Балданци имаше чиста можност да донесе 1-1, но во вистински момент се појави Милинковиќ-Савиќ, кој со извонредна интервенција го сочува водството на Наполи и се претвори во херој на натпреварот.
Во последните моменти од мечот, Свилар се упати и во казнетиот простор на гостите во обид да создаде конфузија и можност за гол, но Наполи успеа да го издржи финалниот притисок и да го потврди својот важен триумф.






