Елези: Гол на дебито за Шкендија – конечно ми се оствари сонот

Името на Дашмир Елези ќе остане запишано во историјата на македонскиот фудбал, како најмлад играч кој успеал да се запише во листата на стрелците во ПМФЛ. Еден ден откако наполни 16 години, тој успеа да погоди за Шкендија против Шкупи (1-1).

Младиот играч на тетовчани истакна дека чувството не се опишува со зборови и дека е особено горд на она што го постигнал. Елези на клупската листа на Шкендија го мина Ваљмир Нафиу кој претходно беше најмлад стрелец со 16 години и три месеци.

„Ова е остваруање на сонот. Не можам да го опишам чувството со зборови. Конечно дебитирав за првиот тим и дадов гол. Чекав со нетрпение да заиграм за првиот тим на официјален меч. Досега сум играл пријателски, ама ова беше посебен момент за мене. Ова достигнување не е само мое, туку на сите кои веруваа во мене и сите кои работеа со мене, како и на моите соиграчи“, изјави Елези.

Шкендија одигра реми со Шкупи (1-1) и го задржа врвот во ПМФЛ. Тетовчани се единствениот непоразен тим во македонскиот шампионат.