Ел Шарави после цела деценија заминува од Рома: Дадов сѐ за овој дрес!

Италијанскиот фудбалер Стефан Ел Шарави најави дека по истекот на сезоната ќе ја напушти екипата на Рома, после вкупно десет години минати во дресот на „волчицата“. 

Екс-репрезентативецот на Италија изрази голема благодарност до клубот, но и до навивачите, истакнувајќи дека љубовта за Рома останува во длабоко во неговото срце. 

„Постојат места кои стануваат вистински дом. Овој клуб за мене значи живот, тука има прекрасни луѓе, а јас имав многу прекрасни и среќни моменти.

Дојдов со сон да се докажам, имав оган и енергија во себе за огромни радости, но имаше и тешки моменти кои дадоа стимул за уште понапорна работа.

Благодарам, ова е историски момент, зашто се збогувам со омилениот дрес, за кој дадов многу во кариерата“, напиша Ел Шарави. 

Договорот на Ел Шарави истекува летово. Фудбалерот кој го одби Египет и заигра за „аѕурите“ има неколку понуди на масата, а италијанските медиуми шпекулираат дека ќе замине во американската МЛС лига.