Еквадор беше само лош ден или толку е силата? Сенегал нов предизвик за Катар

Фудбалската селекција на Катар цели дванаесет години се подготвуваше за историскиот прв настап на едно Светско првенство. Тамошната фудбалска федерација уште пред една деценија имаше јасна слика како треба да изгледа нивната селекцијља во 2022 година. Во Катар беа доведени неколку шпански стратези, повеќето од академијата на Барселона „Ла Мaсиа“, а долги години прв тренер на најдобриот катарски клуб, од каде доаѓаат најмногу репрезетнативци, беше Чави Хернандез, сегашен предводник токму на каталонскиот гигант.

Но, се чини дека сите заложби и напори како да паднаа во вода уште на отворањето на Светското првенство токму во Катар. Домашната селекција одигра под очекувањата и дозволи рутински триумф на Еквадор, па сега нема право на нов пораз доколку сака да ја оствари зацртаната цел – пласман во осминафиналето.

Плафонот на Катарците беше подигнат многу високо, од нив се очекуваше да играат брз и модерен фудбал, каков што негува нивниот селектор Феликс Санчез, но против Еквадор не се виде ништо од тоа и уште во првото полувреме беа вратени во реалноста.

Сега пред нив е уште потежок предизвик, бидејќи за противник го имаат составот на Сенегал. Садио Мане нема да биде предводник на африканската селекција, што секако е голем хендикеп за нив. Но, Сенегалците против силната Холандија покажаа дека се работи за организирана и квалитетна селекција, која што може да се надигрува со секого и без својата прва ѕвезда.

И Катар и Сенегал шампионатот го отворија со пораз, па денешната пресметка која што започнува од 14:00 часот ќе биде нивна последна шанса за останување во игра за осминафинале.