ВИДЕО: „Експрес“ црвен картон за Деле Али, пресврт победа на Милан над Комо

Екипата на Милан успеа со пресврт во второто полувреме да слави триумф над незгодниот Комо (2-1) во натпреварот од 29. коло на италијанската Серија А

  • Милан  - Комо 2-1:

„Росонерите“ имаа негатива по првите 45 минути откако прекрасен погодок постигна Лукас Да Куња, но потоа ги презедоа нештата во свои раце и донесоа голема радост за навивачите на „Сан Сиро“. 

Стартот на вториот дел донесе нов шок за домаќинот, Комо постигна втор гол, но истиот беше поништен поради офсајд, а потоа следуваше сосема поинаков пристап на миланезите, кои успеаја до крајот да го свртат резултатот во своја полза. Творци на пресвртот беа Кристијан Пулишиќ во 53. минута и Тиџани Рајндерс, кој ги постави конечните 2-1 во 75. минута. 

Избраниците на Серџо Консеисао имаа шанса и за поубедлив триумф, но Комо успеа да се одбрани во последните десетина минути, иако остана со играч помалку по исклучувањето на Деле Али, кој доби црвен картон само девет минути откако доби шанса за деби во Серија А.  Милан сега има 47 бода и привремено „скокна“ до седмата позиција, додека тимот на Сеск Фабрегас останува на 29 бода, доволни за тринаесеттата позиција на табелата. 

Попладнево Монца и Парма играа без победник, 1-1, а Верона ги освои трите бода во Удине (0-1).

Вечерва на „Олимпискиот стадион“ во Торино, истоимената екипа, со Елмас во тимот, го пречекува Емполи.