„Екс-ју дуелите секогаш се дерби, тука може да проработи инаетот на Македонија!“

Александар Васоски, тренерот на Вардар кој е лидер во Првата македонска фудбалска лига, од стручен агол за Gol.mk го најави натпреварот меѓу Македонија и Словенија, кој се игра во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.

Некогашниот стопб во дефанзивата на Македонија вели дека „екс-ју“ дуелите секогаш носат посебна мотивација и нема да е изненадување ако во Скопје проработи македонскиот инает и Словенија падне на колена пред избраниците на Ангеловски.

„Секогаш кога се игра со бивши југословенски републики натпреварите се вистиснко дерби. Забележав дека Словенија пред гостувањето дава бомбастични изјави, дека ќе победат лесно, но ние имаме одлични репрезентативци и свои адути. Отворен ќе биде резултатот на овој меч според мене, а нема да биде воопшто изненадување и ако победиме, затоа што на овие мечеви често проработува балканскиот инает, односно кога играме со екс-ју селекции“, вели Васоски.

Предводникот на „црвено-црните“ вели дека Словенија има мала предност на хартија поради искуството на големите натпреварувања, а токму поради тоа гледа дека притисокот е на нивна страна, затоа што евентуален неуспех во мечот со нашиот национален тим ќе ги оддалечи од посакуваното ЕП.

„Ако се земе предвид ростерот, Словенија на хартија е со мала предност, затоа што зад себе има искуство и настапи на Светско и Европско првенство. Но тука и ние имаме одлични играчи на индивидуален план како Пандев, Несторовски, Елмас... Притисокот ќе биде кај нив, не сметам дека Македонија ќе има некој психолошки притисок, затоа што за Словенците ќе биде неуспех ако не победат кај нас. Ние и да загубиме, имаме втора шанса за Европско првенство, преку плеј-офот од Лигата на Нациите каде ќе играме полуфинале против Косово“, додава некогашниот репрезентативец.

Ако се суди по дуелот во Љубљана, Македонија и тоа како има шанси да се носи со Словенија и да успее да дојде до триумф на домашен терен.

„На дуелот во Љубљана покажавме дека можеме да се носиме со нив, таму покажавме добра игра и одигравме реми, па дури и можевме да победиме, но не ги искористивме шансите. Нам ни одговара нивната брза и отворена игра, затоа што ние имаме добра контра-игра и може да доаѓаме до брзи прилики за гол. Словенија нема да ја сфати Македонија здраво за готово, верувам во тоа, пред се затоа што на гости со Израел и Летонија одигравме добри мечеви. Нема воопшто да им биде лесно на Словенците во Скопје“, заврши Васоски.

Некогашниот играч на Цементарница 55, Вардар и Ајнтрахт Франкфурт, а сегашен тренер, го носеше дресот на Македонија од 2002 до 2008 година и на вкупно 33 настапи постигна два погодока.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра в четврток, од 20:45 часот.

Европско првенство, Квалификации, Група G
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ПолскаПолска 8 6 1 1 13:2 11 19
2 АвстријаАвстрија 8 5 1 2 17:7 10 16
3 МакедонијаМакедонија 8 3 2 3 10:11 -1 11
4 СловенијаСловенија 8 3 2 3 13:8 5 11
5 ИзраелИзраел 7 2 2 3 12:14 -2 8
6 ЛетонијаЛетонија 7 0 0 7 1:24 -23 0