• Саше Љолес
Поранешниот бразилски репрезентативец, Филипе Луис, реши да стави крај на својата богата фудбалска кариера. 38-годишниот ветеран пред четири сезони ја заврши својата европска етапа и се врати во Фламенго, клуб за кој настапи на 107 натпревари и постигна 4 голови.
Филипе Луис најголемата слава ја стекна како играч на Атлетико Мадрид, а за „јорганџиите“ запиша 240 настапи за вкупно осум години. Со тимот на Чоло Симеоне освои една титула во Примера, два трофеја во Лига Европа, еден Куп на Кралот и три европски Суперкупа. Во најдобрите денови важеше за еден од најпосакуваните леви бекови во светот и често знаеше да биде вистински лидер во дефанзивата.
Филипе Луис ја започна кариерата во бразилскиот Фигуиренсе, а исто така играше за Ајакс, Ренистас, Ла Коруња и Челзи. Во дресот на бразилската репрезентација одигра 44 натпревари и двапати се запиша во листата на стрелците.