ВИДЕО: Еибар е пред опстанок во Примера, Еспозито го реши Еспањол

Фудбалерите на Еибар направија голем чекор кон опстанок во Примера, откако славеа на гостувањето кај веќе испаднатиот Еспањол со 0-2. Натпреварот од 36. коло во Шпанија одигран на стадионот „РЦДЕ Арена“ во Барселона за гостинската екипа го доби Еду Еспозито со два погодоци во првиот дел кои беа доволни за цел плен. 

  • Извештај од натпреварот: 

Одбраната на „фенерџијата“ беше невнимателна и поради игра со рака, Еибар доби пенал во 25. минута. Сигурен егзекутор на казнениот удар беше Еспозито матирајќи го противничкиот голман за 0-1. 

Само единаесет минути подоцна одново следеше лоша реакција и нова игра со рака во шеснаесетникот на Еспањол. Сепак, вториот пенал на 23-годишникот го одбрани искусниот голман Диего Лопез, но топката се одби на ногата од Шпанецот, кој ја смести во мрежата за 0-2. 

Еспањол целосно ја презеде иницијативата и контролата на игра, но тоа не вроди со плод. Избраниците на Руфете кружеа околу одбранбениот бедем на Еибар и не успеваа да се заканат посериозно. 

До крајот, гостинската екипа ги одбрани двата гола позитива и направи важен исчекор да обезбеди уште една година во најсилното друштво од Шпанија, а вистинско чудо треба да се случи за тие да се најдат во Сегунда.