ВИДЕО: Ефектни голови на Шефити и Јусуфи, Ренова скокна над опасната зона!

Фудбалерите на Ренова прокнижија важни бодови во битката за опстанок, откако го победија Силекс со 2-1 (2-0) во Тетово. „Гипсарите“ во провото полувреме, со два ефектни погодоци на Шефити и Јусуфи дојдоа до недостижна предност, со која барем до утре ќе бидат надвор од опасната зона по долго време. 

Пресметката на „Градскиот стадион“ во Тетово започна изедначено, Османи и Симов тргнаа претпазливо и без непотребни ризици. Домашните беа за нијанса поконкретни уште од самиот старт, а тоа резултира и со погодок за предност. Добро нафрлување доби Шефит Шефити, одлично ја прими топката и со отсвртување погоди во десниот агол од голот на Божиновски за 1-0 во 12. минута. 

Во продолжението, Ренова не отстапи од офанзивниот пристап. Домаќинот беше решен да дојде до трите бода, а чекор поблизу до тоа дојде во 38. минута. Фатјон Јусуфи проби по десната страна и од околу 25 метри биеше ефектно, погодувајќи во горниот лев агол за 2-0. До паузата „гипсарите“ имаа и неколку полушанси од прекини, но промена на резултатот немаше. 

Веќе во вториот дел, Силекс беше приморан повеќе да ризикува. Кратовчани со поофанзивен пристап го притиснаа домаќинот, што остави доста простор за контра напади. Токму по таква празнина, Јашаровски повлече контра и му „сервира“ топка на глава на Мухарем, кој биеше над голот. Ренова имаше неколку слични можности да го загрози Силекс, но ниту тоа не ги спречи гостите од офанзива. Од друга страна пак, домашната одбрана беше одлично поставена и сè што доби Силекс беа неколку полушанси. Фудбалерите од Кратово дадоа почесен гол во завршницата, течеше 90. минута кога успеаја да го матираат Велии за конечните 2-1.

Ренова ги мина Силекс и Академија Пандев на првенствената табела и сега има 31 бод, два повеќе од кратовчани, а ист број со пандевци.