• Иван Димовски
Парма приреди изненадување во 24. коло од Серија А и како гостин ја совлада Болоња со 0-1 на стадионот „Ренато Дал’Ара“. Натпреварот донесе многу нервоза, два црвени картони и драматичен финиш во кој гостите стигнаа до трите бода.
- Извештај од натпреварот:
Домашните уште во 18. минута останаа со играч помалку откако Томазо Побега доби директен црвен картон по груб старт врз Мандела Кеита. Парма долго време не успеваше да ја искористи бројчаната предност, а во 69 минута им беше поништен и погодок. Работите дополнително се искомплицираа кога Маријан Трол заработи втор жолт картон, па силите на теренот повторно се израмнија. Болоња тргна по победата и создаде неколку одлични можности, најблиску беше Рикардо Орсолини кој ја погоди стативата.
Казната стигна во самиот финиш. Кристијан Ордоњез се реши на удар од дистанца, одбраната задоцни во блокот и топката заврши во мрежата за гол вреден три бода и негов првенец во шампионатот. Болоња можеше експресно да возврати, но голманот Едуардо Корви со неколку фантастични интервенции го сочува водството и се претвори во херој на гостите.
Со оваа победа Парма стигна до 26 бода и се искачи на 14. позиција, додека Болоња ја продолжи негативната серија и го запиша четвртиот пораз по ред.









