Едно лице избодено со нож во масовна тепачка на сараевските хулигани

Босанските медиуми пишуваат дека во вторникот навечер дошло до голем инцидент помеѓу навивачките групи „Хорде Зла“ и „Манијаци“. Се случиле масовни тепачки во сараевската населба Долац Малта, а пријавен е и еден случај на навивач избоден со нож. 

Медиумите дознаваат дека овие „пресметки“ биле однапред договорени помеѓу двете групи кои ги поддржуваат Сараево и Железничар, и важат за големи и лути градски ривали. Истрагата е во тек, а полицијата има приведено повеќе од десетина лица. Ова не е првпат да се случуваат вакви договорени тепачки меѓу хулиганските крила, а такви појави најчесто можат да се сретнат во земји како Полска, Русија, Англија и Холандија. 

Босанските власти на прес-конференција кратко изјавија дека истрагата е во тек и очекуваат брза разрешница на случајот. Неодамна, жителите на две сараевски населби побараа поголема контрола од полицијата и поставување камери на улиците, за да се спречат овие чести инциденти и да се избегнат човечки жртви во хулиганските изливи низ главниот град на Босна и Херцеговина.