Една година од најтешкиот „развод“ на фудбалска Барселона

Меси Барселона

Пред точно една година Лионел Меси стави крај на кариерата во Барселона и замина во Пари Сен Жермен.

Финансиската ситуација ги натера Каталонците да се ослободат од својот најдобар фудбалер. На петти август минатата година шпанската екипа потврди дека нема да потпише нов договор со Аргентинецот и дека ќе му овозможи да бара друга екипа по две децении во клубот.

Колку и да имаше оптимизам дека тимот ќе продолжи да функционира исто без Меси, тоа сепак не беше вистина. Ништо не е и нема да биде исто без еден од најдобрите играчи на сите времиња. Тоа се покажа со резултатите на Барса во ланската сезона, кога разочара во Лигата на шампионите и испадна во групната фаза, а потоа запиша елиминација од Ајнтрахт Франкфурт во Лига Европа.

Не е случајно што е избран овој датум за презентација на Роберт Левандовски. Полскиот напаѓач е голема ѕвезда во денешниот фудбал и треба да го врати позитивниот став на навивачите, кои сонуваат за кам-бек на победничките денови под палката на Чави Хернандез.