ВИДЕО: Една дефанзивна грешка ги чинеше нов пораз, надежите загубија и од Полска

Фудбалската селекција на Македонија до 21 година забележа уште еден пораз во квалификациите за Европското првенство. Од Битола со три бода си замина и селекцијата на Полска У21, која славеше минимална победа од 0-1 (0-1) и остана перфектна по шест одиграни кола во групата Е. Нашата селекција пак, годината ќе ја заврши на петтата позиција со само три бода. 

Селекторот Горан Станиќ се реши да не направи ниту една замена во стартниот состав и Македонија на терен истрча со истите единаесетмина кои стартуваа со Шведска пред неколку дена. Нашата одбрана беше поставена ниско, а гостите уште во втората минута успеаја да ја пробијат и Пиенко доби одлична топка во празно, биеше прецизно, но Василев ја впиша првата интервенција и изби во корнер. 

Лошите услови за игра и влажниот терен во Битола создаваа големи проблеми за двете селекции, а по еден судир на Елези и Хамза, членот на Работнички се здоби со повреда и не можеше да го продолжи натпреварот. Станиќ беше приморан рано да менува, па во 15 минута во игра во игра влезе Авдули, кој ја зазеде левата бековска позиција, а Хамза доби поофанзивна улога. 

Полска продолжи во ист ритам и шанси се редеа пред нашиот гол, а првата вистинска, гостинските фудбалери ја претворија во погодок. Се играше 33. минута, кога нашата одбрана повторно потфрли, Коцаба беше оставен сам во казнениот простор на Македонија и со глава го матира Василев за 0-1 за Полска. Голема заслуга за погодокот на младите Полјаци има и Драшал кој испрати прецизен центаршут до својот соиграч.

До крајот на првото полувреме Василев уште еднаш беше ставен на маки, а нашите фудбалери не успеаја ниту еднаш да се заканат, ако не се смета ударот од огромна далечина на Хамза кој речиси од половина терен сакаше да го изненади гостинскиот голман, но биеше многу непрецизно. 

Станиќ на полувреме остави еден фудбал во соблекувалната. Даилоски влезе на местото на Мелиќи, но тоа не донесе никакви формациски промени. Македонија продолжи да се брани со формација 4-4-2 и одлично ги затвораше сите налети на противникот, но одново се мачевме да ја изнесеме топката од нашата половина. 

Гостинскиот селектор првиот потег го повлече по еден час игра, кога направи двојна замена, по која тежиштето на играта конечно се префрли на половината на Полска. Македонија се отвори и имаше иницијатива, но тоа отвори многу простор за брзи контри на противникот. Тоа донесе дополнителни проблеми за нашата дефанзива и Димески за само шест минути двапати прекина опасни напади на противникот и заслужено заработи исклучување. Во ситуација на играч помалку нашите надежи немаа многу простор и шанси да направат нешто повеќе и на крај запишаа уште еден пораз во овие квалификации.   

Во следното коло кое на програмата е во март 2026 година Македонија ќе ѝ гостува на Италија, додека Полска ќе се соочи со Ерменија.