Единствениот активен играч од лудата истанбулска ноќ кажа крај!

Љубителите на фудбалот го паметат епското финале меѓу Милан и Ливерпул во 2005 година во Истанбул кое заврши со триумф на „црвените“, а само еден од актерите беше активен, се до денешен ден, кога реши да каже збогум.

Чешкиот напаѓач Милан Барош ги закачи копачките на клин на 38-годишна возраст. Легендата го носеше дресот на Бањик Острава во родната Чешка, меѓутоа хронични здравствени проблеми направија тој да е приморан да каже збогум.

Барош во кариерата најголемите успеси ги оствари во Ливерпул, а играше уште и за Астон Вила, Лион, Портсмут, Галатасарај, Анталијаспор, Млада Болеслав, Слован Либерец и Бањик Острава.

Беше и стандарден репрезентативец на Чешка од 2001 до 2012 година, а одигра 93 меча на кои постигна 41 гол.

Финалето меѓу Милан и Ливерпул вечно ќе се памети, затоа што лудата истанбулска ноќ „росонерите“ имаа предност од три гола, ама Ливерпул го направи најголемиот кам-бек, па дојде до триумф по изведување на пенали.