• Мартин Танасковски
Екипата на Силекс ги заврши настапите во Конференциската лига откако по пенали испадна од белорускиот тим Динамо Минск. Регуларниот дел заврши со победа на белорускиот тим од 1-0, па така, заради триумфот на кратовчани на гостински терен со идентичен резултат, следеа продолженија во кои немаше голови, а патникот во следната фаза го дадоа шутевите од белата точка во кој гостинот беше поуспешен со 6-5. Во следната рунда, Динамо Минск ќе игра против Нефтчи од Азербејџан.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот почна без сериозни возбудувања, имаше игра на двете страни на теренот, а гостинот од Белорусија успеа да постигне гол во 16. минута за да ја анулира негативата од првиот натпревар. Во моментот на акцијата, Малашевиќ центрираше од левата страна, Варданјан тргна кон топката, ама не ја зафати и таа со помош на земјата го измами голманот Љупче Џеков, за предност на гостинот. Потоа се закани Варданјан вторпат за Динамо Минск, но неговиот обид заврши безуспешно. Следеше доста тензичен дуел со прекршоци, а судијата имаше работа и подели пет жолти картони на двете страни. Најдобрата можност во првиот дел Силекс ја имаше пред паузата, во 43. минута, кога Ефтимов по центаршут на Пановски се обиде со глава, но не реализира.
На стартот на вториот дел и двата тренери направија измени, а Динамо Минск пак доби два жолти картони заради груби прекршоци над играчи на Силекс. Домаќинот во 69. минута го внесе Велиновски, а токму тој можеше да биде џокер на Васоски, затоа што само минута по влегувањето со првиот допир со топката имаше можност откако доби топка од Богдановски, ама голманот Шимакович изби во корнер.
- Пенал-серијата на натпреварот:
Во последните петнаесетина минути и двата тима тактизираа, не напаѓаа по секоја цена, па немаше втор гол на мечот и така дуелот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ замина на продолженија. Во додатните триесет минути немаше многу возбудувања, следеа пеналите, во кои поуспешна беше екипата на Динамо. Пеналџиите беа сигурни се до шестата серија, кога Ангелче Тимовски ја погоди пречката, а потоа Владислав Калиниј реализира за триумф на Динамо Минск.



