• Мартин Танасковски
Само еден месец по драматичната одлука на Фудбалскиот сојуз на Холандија (КНВБ) да му ја одземе професионалната лиценца, Витесе од Арнхем повторно е вратен во редовите на професионалните клубови. Апелациониот суд во Арнхем-Луварден ја суспендираше одлуката на Комисијата за лиценцирање и Жалбениот одбор на КНВБ, наложувајќи му на Сојузот веднаш да го врати клубот во системот на професионални натпреварувања.
Во образложението се наведува дека претходната пресуда била донесена „под голем временски притисок и без доволна анализа“, и дека е потребна поголема внимателност кога се изрекува „најстрога казна за еден професионален клуб“.
Со тоа, Витесе ќе продолжи да се натпреварува во втората лига, иако сезоната веќе е во тек и се одиграни четири кола. Последиците од еден месец надвор од професионалниот фудбал се веќе видливи – дел од фудбалерите го напуштија клубот без финансиска компензација, а во управата се направени значајни промени. Новата инвеститорска група од Арнхем, составена од локални бизнисмени и предводена од Мишел Шај, нагласува дека приоритет е стабилизација на клубот и создавање долгорочна иднина.
Да потсетиме, КНВБ во јули објави дека клубот има долгови од околу 14 милиони евра и дека во повеќе наврати пропуштил можности за подобрување на финансиската состојба. Поради тоа, беше одземена лиценцата, со што Витесе беше оставен со единствена опција да се натпреварува како аматерски клуб или да згасне.
Витесе, еден од најстарите холандски клубови основан во 1892 година, има богата традиција – четири пати бил вицешампион на државата, но никогаш не стигнал до титулата првак.
ФОТО: Vitesse / Facebook




