Еден од најсимпатичните клубови во Италија прогласи банкрот

Еден од најсимпатичните клубови во последните две децении во италијанскиот фудбал повеќе не постои во професионалните категории. Киево од Верона е исклучен од Серија Б поради банкрот. Неговото место во втората италијанска дивизија ќе го заземе Козенца.  

Таканаречените „летечките магариња“ поднесоа жалба против пресудата, но истата веднаш е одбиена. Клубот може да продолжи да настапува, но не повисоко од Серија Д. Највисок резултат на клубот е петтото место во Серија А во сезоната 2001/02, по што клубот играше во квалификациите за Лигата на шампионите и Купот на УЕФА.

Карпи, Новара, Самбендетезе и Казертана од истата причина се исклучени. Спротивно од споменатите клубови, Паганезе ја доби жалбата и го сочува своето место во третата италијанска лига. Минатата сезона Киево заврши како осмопласиран во Серија Б и играше во плеј-офот за Серија А.